Please use this identifier to cite or link to this item:
http://hdl.handle.net/20.500.12188/16119
Title: | Проценка на методите за одредување на осетливоста на Candida species на антифунгални средства | Authors: | Гордана Мирчевска | Keywords: | Candida species антифунгални средства CLSI VITEK-2 Е-тест диск дифузионен метод |
Issue Date: | 22-Jun-2011 | Abstract: | Во текот на изминатите неколку децении се регистрира прогресивен пораст на инциденцата на сериозните габични инфекции кои се асоцирани со значаен морбидитет и морталитет. Иако спектарот на габички кои предизвикуваат сериозни инфекции е сé поголем, најчести причинители остануваат Candida species. И покрај тоа што најчест етиолошки агенс е сéуште Candida albicans, последните години сé почесто се изолираат и non-albicans Candida species, за кои е познато дека се помалку осетливи на антифунгални средства. Од тука се наметнува потреба за тестирање на нивната осетливост, што е особено значајно поради развојот на резистенција, во услови на долготрајна терапија или профилакса. Референтниот бујон микродилуциски метод е сéуште златен стандард за испитување на осетливоста на Candida species, но во последните години се појавија и комерцијално достапни методи, како што се автоматизираниот VITEK-2, Е-тест и диск дифузиониот метод. Целите на оваа студија беа да се испита честотата и профилот на осетливост на различни видови Candida species на вообичаено клинички користените антифунгални средства (флуконазол, итраконазол, вориконазол, амфотерицин Б и каспофунгин) со референтниот, автоматизираниот VITEK-2, Е-тест и диск дифузиониот метод, и да се проценат сензитивноста и специфичноста на Е-тестот и диск дифузиониот метод како алтернативни методи за одредување на профилот на осетливост на Candida species во однос на референтниот и VITEK-2 методот. Со испитувањето беа опфатени 150 изолати на Candida species (60 соеви на C.albicans и 90 соеви на non-albicans Candida species), од различни примероци (примероци од респираторен и генитален тракт, брисеви од рани, крв, урина) на амбулантски и хоспитално третирани пациенти на Универзитетските клиники во Скопје. Осетливоста беше одредувана со автоматизираниот VITEK-2 метод, а од нив, според профилот на осетливост беа издвоени 50 изолати на Candida species, кои понатаму беа испитувани со Е-тест и диск дифузиониот метод, по што резултатите беа споредувани со референтниот и VITEK-2 методот. Од сите испитани изолати, 88.7% (133/150) беа осетливи на флуконазол, 4% (6/150) изолати беа осетливи во зависност од дозата, а резистенција на флуконазол беше регистрирана кај 7.3% (11/150) од изолатите. Осетливост на амфотерицин Б (МИК≤1g/ml) е најдена кај 97.3%, а резистенција (МИК од 2 g/ml) само кај 2.7% (4 изолати). Анализата на МИК на вориконазол покажа дека не постои резистенција на истиот, освен кај 3 изолати на C.krusei (2%), кај кои беше регистрирана осетливост во зависност од дозата (S-DD), со МИК од 2 g/ml. При испитување на осетливоста на Candida species на итраконазол со CLSI референтниот метод, 84% (42/50) изолати покажаа осетлив профил. Резистенција на итраконазол беше регистрирана кај 16% од изолатите (8/50). Меѓу изолатите од нашата студија кои беа резистентни на флуконазол, 62.5% (5/8) беа истовремено резистентни и на итраконазол (МИК=2 µg/ml). При испитување на осетливоста на Candida species на каспофунгин со CLSI референтниот метод, 94% (47/50) покажаа осетлив профил. In vitro активност на каспофунгинот беше регистрирана кон сите соеви на Candida species, освен 2 изолати на C.guilliermondii (МИК=8µg/ml) и 1 изолат на C.rugosa (МИК=4µg/ml). Иако беа регистрирани мали разлики во МИК, потполната согласнот меѓу CLSI референтниот метод и VITEK-2 методот е 100%, со оглед дека сите резултати беа во истата категорија на осетливост на изолатите. Потполната согласност меѓу Е-тестот и референтниот CLSI метод за одредување на профилот на осетливост на Candida species изнесуваше 86% за итраконазол, 90.48% за флуконазол, 98% за амфотерицин Б и за каспофунгин и 100% за вориконазол. Потполната согласност меѓу диск дифузиониот метод и референтниот CLSI метод за одредување на профилот на осетливост на Candida species изнесуваше 90.48% за флуконазол, 97.3% за итраконазол, 98% за амфотерицин Б и каспофунгин, и 100% за вориконазол. VITEK-2 методот е првиот комерцијално достапен систем со автоматизиран пристап кој обезбедува оптимална стандардизација на постапката на тестирање на осетливоста на квасниците на антифунгални агенси. Е-тестот е репродуцибилен метод и дава веродостојни резултати кои добро корелираат со референтниот бујон микродилуциски метод. Диск дифузиониот метод е репродуцибилен и согласен со референтниот метод, и дава резултати со прифатлив степен на точност, но не е толку сигурен за диференцирање меѓу осетливите соеви и соевите осетливи во зависност од дозата. Нашите резултати покaжуваат дека и E-тестот и диск дифузиониот метод можат да бидат добри алтернативни методи за одредување на осетливоста на Candida species на антифунгални средства, во секојдневната рутинска работа на микробиолошките лаборатории. | URI: | http://hdl.handle.net/20.500.12188/16119 |
Appears in Collections: | Faculty of Medicine: PhD Theses |
Show full item record
Items in DSpace are protected by copyright, with all rights reserved, unless otherwise indicated.