Please use this identifier to cite or link to this item:
http://hdl.handle.net/20.500.12188/9866
Title: | Промените во архитектонското и инфраструктурното уредување во урбаните центри на територијата на Р. Македонија во периодот од Диоклецијан до Ираклиј | Authors: | Талевски, Христијан | Keywords: | урбанизам; архитектура; инфраструктура; Доминат; религија; безбедност | Issue Date: | 2021 | Publisher: | Филозофски факултет, Скопје | Source: | Талевски, Х. (2021). Промените во архитектонското и инфраструктурното уредување во урбаните центри на територијата на Р. Македонија во периодот од Диоклецијан до Ираклиј. Докторска дисертација. Скопје: Филозофски факултет. | Abstract: | Архитектурата и инфраструктурата се рефлексија на едно општество и предмет на постојана промена и еволуција. Секоја позначајна промена во општествениот, политичкиот и стопанскиот живот, секогаш се манифестирала врз средината во којашто се одвива. Проблемот на архитектонските и инфраструктурните промени во населбите од доцноримскиот период претставува есенција во разбирањето на секојдневните активности и културата на живеење на населението. Тие истовремено се и простор во којшто постојано го откриваме инвентарот и продуктите од тие активности. Архитектурата и инфраструктурата претставуваат средина, амбиент во кој се одвивал животот. Затоа, без темелно проучување на промените во средината се занемарува базата неопходна за потесни и продлабочени проучувања, како на комплексните процеси на општествена интеракција, така и на карактерот на материјалната култура. Промените во животната средината се секогаш поврзани со факторите на потенцијално влијание врз неа. Заради тоа, не мал број на еминентни научници во потрага по вистината за крајот на античката цивилизација на Балканот и пошироко во медитерански рамки, се зафатиле со решавање конкретни проблеми кои произлегуваат од различниот контекст и следствено различните фактори на влијание. Иако се постигнати значајни резултати преку проучување на различни региони, територијата на провинцијата Macedonia II, северната периферија од провинцијата Macedonia I, источната периферија од провинцијата Epirus Nova и јужниот дел од провинцијата Dardania, досега не билe предмет на научен третман од ваков карактер. Предмет на ова истражување се архитектурата (сакрална и секуларна) и инфраструктурата (фортификации, улици, складишта, водоводи и одводи) во Lychnidus, Heraclea Lynkestis, Stobi, Scupi, Bargala и во населбата на лок. Големо Градиште кај с. Коњух. Во последните две-три децении е работено на повеќе различни аспекти од културата на живеење на тој простор, на селектирани градските средини, врз утврдувањата, на живеалиштата, врз градежните материјали, врз архитектонската декорација и конструктивните елементи, како и врз сегменти од материјалната култура итн. Сепак, евидентен е недостатокот од истражување во коешто ќе бидат заокружени резултатите од повеќето продлабочени истражувања и достигнувања на македонската и медитеранската археологија на полето на архитектурата и инфраструктурата. Преку квалитативно и квантитативно истражување на процесот на трансформација на доцноримските населби во услови на еден релативно комплексен контекст на општествени прилики, врз основа на достапните информации ќе ги согледаме начините на интеракција помеѓу луѓето и нивната околина. Во случајов таа интеракција резултирала со појави коишто не можат во целост да се оквалификуваат како декадентни, но појави коишто непосредно се одразиле врз квалитетот на населбинското живеење. Целта е формирање на солидна база од издржани теоретски сознанија коишто во иднина ќе можат да се компарираат со слични или идентични феномени во полето на архитектурата и инфраструктурата, посведочени во различна средина, во ист или сличен контекст, во исто или различно време. Ова е особено важна цел од причина што и во поновата историја сме сведоци на мерките за справување со најразлични проблеми пред коишто се исправени урбаните средини, како за справување со епидемии од заразни болести, така и за спречување на последиците од придвижувањето на поголеми групации од луѓе. Затоа сметаме дека овој труд ќе има и соодветна практична примена. Осознавањето на процесите и случувањата во минатото како и на причините и последиците по условите и квалитетот на живеење, претставува практичен и апликативен придонес кон избегнување на несаканите последици од искушенијата пред коишто е исправено современото општество. Со тоа, резултатите од научната интерпретација на археолошките истражувања ќе може да се употребат систем за рано предупредување врз основа на туѓото искуство. Тоа логично би требало да активира серија од мерки во рамки на пошироки механизми за превентива и самозаштита, сè со цел избегнување на фаталните грешки на минатите цивилизации. При подготовката за истражувањето беа идентификувани неколку фактори коишто имале најизразен ефект врз потенцијалните промени во архитектурата и инфраструктурата и следствено врз културата на живеење. Како прв фактор на влијание врз истражувачкиот предмет беше јакнењето на позицијата и проширувањето на ингеренциите на црквата како институција, што во услови на сериозни внатрешни и надворешни воено-политички превирања имплицира структурни промени во организацијата на населбите. Ќе се истражува дали еклесијалната организација целосно го потиснала стариот систем на муниципална управна организација, како и дали и кои ингеренции од градската управа преминале во рацете на епископот. Како втор фактор на влијание врз истражувачкиот предмет ќе се анализира потенцијална опасност по архитектурата и инфраструктурата во населбите. За таа цел ќе се анализира обемот од мерки и потенцијалното реорганизирање на одбраната на населбинско ниво. Ќе се анализираат и манифестациите од проблемите пред коишто биле исправени жителите во доцноримските урбани средини, а во прилог на поефикасно обезбедување на квалитетен живот и високо ниво на безбедност. Потоа, манифестациите од потенцијалните демографски и социјални промени во урбаните средини и нивното потенцијално влијание врз архитектурата и инфраструктурата. Дополнително, ќе се анализира и кои биле потенцијалните манифестации по економијата. Зашто основни егзистенцијални фактори за продолжување на животот во турбулентни периоди биле безбедноста, живеалиштата и зголемувањето на капацитетите за чување на добиток и храната, главно житни производи и вода внатре во самите населби. Прелиминарните истражувања одат во прилог на тезата дека религијата и одбраната се едни од најрелевантните фактори на влијание во урбаните средини од периодот. Врз основа на процена на нивното влијание ќе се анализира степенот и карактерот на промени манифестирани преку архитектурата и инфраструктурата. Токму промените во животната средината и во системите коишто го обезбедувале квалитетот на животот се истражувачкиот проблем во трудот. Сепак, во отсуство на егзактни податоци за степенот на влијание на останатите, пред сѐ, природни фактори во населбите предмет на научен интерес, ќе бидат користени резултатите од истражувањата во поширокиот медитерански простор. И покрај свеста за потреба од истражувања во потесни регионални рамки, оправдувањето за ова се наоѓа во фактот што станува збор за природни феномени со манифестации во пошироки територијални рамки. | Description: | Докторска дисертација одбранета во 2021 година на Филозофскиот факултет во Скопје, под менторство на проф. д–р Елица Манева. | URI: | http://hdl.handle.net/20.500.12188/9866 |
Appears in Collections: | UKIM 02: Dissertations from the Doctoral School / Дисертации од Докторската школа Faculty of Philosophy 09: Dissertations from the Doctoral School / Дисертации од Докторската школа |
Files in This Item:
File | Description | Size | Format | |
---|---|---|---|---|
hrtalevski2021-1.pdf | 6.38 MB | Adobe PDF | View/Open | |
hrtalevski2021-2.pdf | 103.08 MB | Adobe PDF | View/Open |
Page view(s)
210
checked on Jul 24, 2024
Download(s)
437
checked on Jul 24, 2024
Google ScholarTM
Check
Items in DSpace are protected by copyright, with all rights reserved, unless otherwise indicated.